Заратустра
Дел од серијата за |
Зороастризмот |
---|
основно |
ангели и демони |
текст и верување |
записи и легенди |
историја и култура |
следбеници |
Заратустра (исто така Заратуштра од авест. Zaraθuštra, односно Зороастер од грч. Ζωροάστρης) — древен персиски пророк и религиозен поет. Химните кои му се припишуваат се литургиската основа на зороастризмот. Се смета дека живеел меѓу 1700 и 1300 година п.н.е.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Име
[уреди | уреди извор]Авестискиот израз Zaraθuštra доаѓа од староперсискиот збор *zarat-uštra-. Оваа реконструкција е потврдена од подоцнежните облици на персискиот јазик.[2]
Датирање
[уреди | уреди извор]Се смета дека Заратустра живеел во 6 век п.н.е. Но, кон крајот на XIX век, временски го сместувале многу порано (околу 1200 години пред Христос), а едно муслиманско предание вели дека Заратустра бил современик на Мојсеј. Разликите се појавуваат поради јазикот и темите кои се користени во химните што му се припишуваат на Заратустра лично.
Место
[уреди | уреди извор]Според преданијата, за родно место на Заратустра се зема Раи (или Медеја), во северна Персија. Според преданието, во часот кога се родил Заратустра, целата земја била осветлена, реките надошле како по голем дожд, шумите затрепериле со светлина и со музика, а ѕверовите и огновите дошле да ги слушнат зборовите на пророкот.[3] Потоа, тој патувал низ Персија, и конечно се населил во градот Балк, проповедајќи го култот на мудроста „Маздајасна“ (авестиски: мазда - мудрост и јасна - обожување). Триесет години живеел испоснички живот во пештера, во која постојано горел оган,[4] и умрел на 77 годишна возраст. Неговата смрт не е спомената во Авеста, но во други текстови е споменато дека е убиен.[5]
Божествени одлики
[уреди | уреди извор]Како дете, Заратустра редовно одел на маздаистичките богослужби, а свештениците биле восхитени од неговото напредување. Уште од мал не јадел месо, туку само житарки, овошје и зеленчук.
Постојано медитирал крај една планинска патека, и доживувал екстази, паѓајќи во транс. Толку биле прекрасни тие доживувања, што Заратустра се доверил на неколкумина свои блиски, кои поверувале дека мора да е болен или пак се збудалил. Според преданијата, најпрво чувствувал пријатно затемнување на свеста, а потоа вртоглаво паѓање низ времето. Му се чинело како телото да му се растопува, како да се шири сè додека не ја опфати не само целата вселена, туку и другите вселени кои се наоѓаат во други временско-просторни сфери.
Кога си доаѓал на себе, му се чинело како да го надлетува човештвото благодарение на духовните сили кои ги нарекол „ангели“, а подоцна ги дефинирал како седум изрази на Бога: Мудроста (Мазда), Добрата мисла (Воху Манах), Праведниот поредок (Аша Вашиста), Божјето кралство (Кшатра), Побожноста (Армаити), Здравјето (Хаурватат) и Бесмртноста (Амеретат).
Преданијата не се согласуваат околу тоа колку години Заратустра поминал на планина, повлечен од светот. Како и да е, кога решил да се врати меѓу луѓето, Заратустра му се обратил на Виштаспу, кој владеел во Бактрија, недалеку од Самарканд. Се оженил со ќерката на Фрашаоштра, кој застанал на негова страна и го убедил владетелот да го прими и да го поддржи Заратустра. Според преданието, Заратустра извел неколку чуда на дворот, и после тоа е примен. На дворот на Виштаспу, Заратустра учел една група ученици кои ги нарекол „сиромашните“, а кои подоцна го ширеле неговото учење.
Учењето
[уреди | уреди извор]Заратустра учел дека Бог е Добар Творец (Ахура Мазда) на сè, на Сонцето, Месечината и ѕвездите, на духовното и материјалното, на луѓето и на ѕверките. Не е одговорен за злото меѓу луѓето, бидејќи злото доаѓа од духот на раздорот (Ангра Маинју), кој ги создал демоните, владее со пеколот и од почеток му се спротивставува на Бога. Според религијата на Заратустра, светот е бојно поле на кое се борат силите на доброто и злото.
Сите мажи и жени (во религијата на Заратустра не се прави поделба на должностите) имаат лична одговорност да бираат меѓу доброто и злото. На луѓето ќе им биде судено на другиот свет врз основа на она што го одбрале, а според зборовите на Заратустра: „За човек чиј живот е исполнет со правдини, не постои смрт... таа е само за лошите.“ Ваквото учење на Заратустра ги вреѓало свештениците од тоа време.
Заратустра бил и против колењето животни, и во неколку остри реченици на своите ученици им објаснил дека:
„ |
Мазда ги проколнува сите оние кои ги колат животните и оние кои повеќе го сакаат среброто од правдата, и оние кои тежнеат кон власт за да прават зло... Праведниот човек е здрав со умот, со зборовите, со делата, со свеста, тој ја зголемува правдата... |
“ |
Заратустра ги прибирал сите оние кои се сметале за синови на Бога, учел дека светот во суштина е добар и го очекувал денот кога злото ќе стигне до својот врв, и кога доброто ќе победи, а светот повторно ќе се претвори во совршенство.
Реформатор
[уреди | уреди извор]Заратустра бил реформатор на религиозното мислење. Се служел со говорот на ариевскиот политеизам, но неговата дематеријализација на религијата и отфрлањето на традиционалните обреди, не била прифатена од свештениците. Судир настанал и за време на една голема суша, кога свештениците не сакале да го намалат бројот на принесуваните жртви. Заратстра застанал на страната на селаните на кои им била одземана стоката заради жртвување, а свештениците ги нарекол демонски луѓе.
Свештениците барале од локалниот владетел да го стави Заратустра во затвор, но не успеале во тоа. Сепак, го избркале од земјата.
Без поддршка и без пријатели, отфрлен од сите, Заратустра скитал сам по пустината, на патот кон планината Памира. Црните коњаници, Карапани, го пресретнувале и му местеле секакви стапици, кои Заратустра ги избегнувал, конечно стигнал во една пештера каде останал до крајот на животот.
Заратустра во делата
[уреди | уреди извор]- Легендите велат дека Заратустра е единствениот човек кој не плачел при раѓањето, туку се смеел. Во светите списи се вели дека неговиот ум емитирал толку силни бранови, што никој не можел да стави рака на неговата глава, а да не биде оттурната од невидливите бранови. Исто така според преданијата, додека чекорел низ пустината, земјата се прераѓала под неговите нозе, и никнувале бројни цветови, а планината пеела, радосна заради неговото враќање. Следбениците на религијата на Заратустра веруваат дека овој пророк вршел чуда, но тој самиот за себе никогаш не изјавил дека правел чуда.
- Легендите за животот на Заратустра биле задржани во усмени преданија, сè додека после неколку века, еден поет ги собрал во делото наречено „Заратушт-Нама“. Се смета дека Големата библиотека во Александрија содржела бројни текстови посветени на Заратустра. Во некои текстови се споменувал и како астролог, кој ги учел Вавилонците на астрологија.
- Во древните текстови наречени Наг Хамади, откриени во 1945 година, постои трактат наречен „Зострианос“, за кој се смета дека може да се однесува на Заратустра.
- За идеите на Заратустра до XVIII век речиси ништо не се знаело, освен што се споменувало неговото име како мудрец и волшебник. Се споменува како „Сарастро“ во операта „Магична флејта“ на Моцарт, која е позната и како опера со масонски елементи.
- Познато е делото на германскиот филозоф Фридрих Ниче „Така зборуваше Заратустра“ (1885), каде преку ликот на Заратустра ги изнесува своите сопствени идеи против моралноста.
- Германскиот композитор Рихард Штраус, инспириран од делото на Ниче, својот Опус 30 го нарекол со истото име „Така зборуваше Заратустра“, а оваа тема е искористена како воведна во филмот на Стенли Кјубрик - „Одисеја 2001“.
- Поетот од XIX век, Вилијам Батлер Јејтс, го споменува Заратустра, изјавувајќи дека остварил контакт со него преку таканареченото „автоматско пишување“.
- Заратустра се споменува и во многу други музички и книжевни дела, а го сметаат, заедно со Авраам, Мојсеј, Буда, Кришна, Исус и Мухамед, за еден од највлијателните луѓе од минатото.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Beck, Roger (1991), "Thus Spake Not Zarathushtra: Zoroastrian Pseudepigrapha of the Greco-Roman World", in Boyce, Mary; Grenet, Frantz, A History of Zoroastrianism, 3, Leiden: Brill, pp. 491–565 .
- Livingstone, David N. (2002), The Dying God: The Hidden History of Western Civilization, Writers Club Press, ISBN 0-595-23199-3
- Nietzsche, Friedrich Wilhelm; Ludovici, Anthony Mario, trans.; Levy, Oscar, ed. (1911), Ecco Homo, The Complete Works of Friedrich Nietzsche, Edinburgh: T. N. Foulis
- Taherzadeh, Adib (1976), The Revelation of Bahá'u'lláh, Volume 1: Baghdad 1853-63, Oxford: George Ronald, ISBN 0-85398-270-8
- Farhang Mehr "Zarathuštranizam" Misl, Zagreb 2005. ISBN 953-6306-11-5
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Boyce, Mary. 2001. Zoroastrians: Their Religious Beliefs and Practices. Routledge: London and New York.-- Peter Clark. Zoroastrianism: An Introduction to an Ancient Faith. Brighton: Sussex Academic Press, 2010. p. 1. -- Michael Stausberg. Zarathustra and Zoroastrianism: A Short Introduction. London: Equinox Publishing, 2008. p. 20.
- ↑ Schlerath 1977, стр. 133–135
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 375.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 376.
- ↑ Jackson 1899, стр. 130–131 .
|