Јан Тинберген
Јан Тинберген | |
---|---|
Тинберген во 1982 година | |
Роден(а) | 12 април 1903 Хаг, Холандија |
Починал(а) | 9 јуни 1994 Хаг, Холандија | (возр. 91)
Националност | Холанѓанец |
Полиња | економија |
Установи | Еразмус универзитет Ротердам |
Образование | Лејденски универзитет |
Докторски ментор | Паул Еренфест |
Докторанди | Тјалинг Копманс |
Познат по | прв национален макроекономски модел |
Влијание од | Оскар Ланге |
Поважни награди | Нобелова награда за економија (1969) |
Јан Тинберген (холандски: Jan Tinbergen; 12 април 1903 во Хаг – 9 јуни 1994 во Хаг) — холандски економист. Му била доделена првата Нобелова награда за економија во 1969 година, која ја поделил со норвешкиот економист Рагнар Фриш за развивање и применување динамични модели при анализите на економските процеси. Тинберген бил основач на невладината организација „Економисти за мир и безбедност“.
Животопис
[уреди | уреди извор]Јан Тинберген бил најстарото од петте деца на Дирк Корнелис Тинберген и Жанете ван Ек. Неговиот брат Николас „Нико“ Тинберген исто така освоил Нобелова награда (за медицина, во 1973 г.) за неговата работа во етологијата, додека неговиот најмлад брат Лук станал познат орнитолог. Помеѓу 1921 и 1925 година, Тинберген студирал математика и физика на Лејденскиот универзитет во катедрата на Паул Еренфест. Во овој период во Лејден имал бројни дискусии со Еренфест, Камерлинг Онес, Хендрик Лоренц, Питер Земан и Алберт Ајнштајн.[1][2]
По дипломирањето, Тинберген ја исполнил својата должност кон општеството во администрацијата на затвор во Ротердам и во Централната служба за статистика (CBS) во Хаг. Потоа се вратил на Лејденскиот универзитет и во 1929 година го одбранил својот докторат на тема „Минимизација на проблемите во физиката и економијата“ (Minimumproblemen in de natuurkunde en de economie). Оваа тема му била препорачана од Еренфест и му дозвола на Тинберген да ги свои своите интереси кон математиката, физиката, економијата и политиката. Во тоа време, CBS основала нов оддел за истражувања на бизнисот и математичка статистика и Тинберген станал прв негов предводник, каде што работел до 1945 година. Пристапот до огромната база на податоци во CBS му помогнало на Тинберген да ги испробува своите теоретски модели. Истовремено, почнувајќи од 1931 година, бил професор по статистика на Амстердамскиот универзитет, а во 1933 година бил назначен за професор по математика и статистика на Холандската школа за економија во Ротердам, каде останал до 1973 година.[1][2]
Од 1929 до 1945 година работел за холандската статистичка служба и кратко бил консултант на Друштвото на народите (1936–1938). Во 1945 година станал прв директор на холандското биро за анализа на економската политика, но ја напуштил оваа позиција во 1955 година за да се насочи на образованието. Поминал една година како визитинг-професор на Харвард и потоа се вратил на холандскиот економски институт (наследникот на холандската економска школа). Истовремено, давал консултантски услуги на меѓународни организации и влади на повеќе земји во развој, како Обединетата Арапска Република, Турција, Венецуела, Суринаме, Индонезија и Пакистан.[1][2][3]
Тинберген бил член на Кралската холандска академија на науките и уметностите и на Меѓународната академија на науките. Во 1956 година го основал Економетрискиот институт на Еразмус универзитетот во Ротердам заедно со Хенри Тејл. Институтот Тинберген бил именуван во негова чест. Меѓународниот институт за општествени студии (ISS) му доделил почесно членство на Јан Тинберген во 1962 година.[1][2]
Работа
[уреди | уреди извор]Тинберген станал познат по неговата „Тинбергенска норма“, што претставува принцип, кој вели доколку соодносот помеѓу најголемиот и најмалиот приход во претпријатието надмине 5, тоа нема да му помогне на претпријатието и може да стане непродуктивно.
Тинберген го развил првиот национален опсежен макроекономски модел, кој првпат го развил во 1936 година за Холандија, а подоцна го применил во САД и во Обединетото Кралство.[4]
Во неговата работа при макроекономските модели и правењето економски политики, Тинберген одредувал некои економски големини како „таргети“ и други како „инструменти“.[5] Таргети се оние макроекономски променливи на кои создавачот на политиката сака да влијае, додека инструменти се променливите кои создавачот на политиката може директно да ги контролира. Тинберген нагласил дека постигнувањето на посакуваните вредности на одреден број на таргети побарувало создавачот на политиката да контролира еднаков број на инструменти.
Поделбата на Тинберген останала влијателна и денес, надвладувајќи ја теоријата на монетарната политика користена од централните банки. Денес, многу централни банки ја сметаат стапката на инфлација како нивен таргет; инструментот кој тие го користат за контрола на инфлацијата е краткорочната каметна стапка.[6]
Работата на Тинберген на макроекономските модели подоцна била продолжена од Лоренс Клајн, поради што била доделена уште една Нобелова награда за економија. За неговите културни придонеси ја добил наградата Гуден Ганзенвер во 1985 година.[7]
Економетриските модели на Тинберген довеле до голема дебата со неколку добро познати учесници, како Џон Мејнард Кејнс, Рагнар Фриш и Милтон Фридман. Дебатата понекогаш е нарекуван како Тинбергенска дебата.[8][9]
Избрани публикации
[уреди | уреди извор]- Business Cycles in the United States, 1919–1932, Женева, 1939 и Њујорк, 1968
- Business Cycles in the United Kingdom, 1870–1914, Амстердам, 1951
- On the Theory of Economic Policy. Второ издание (1952) на Contributions to Economic Analysis, Амстердам
- Centralization and Decentralization in Economic Policy, Амстердам, 1954 ISBN 0-313-23077-3.
- Economic Policy: Principles and Design, Амстердам, 1956
- The Element of Space in Development Planning (заедно со Менес и Варденбург), Амстердам, 1969
- The Dynamics of Business Cycles: A Study in Economic Fluctuations. Чикаго, 1974. ISBN 0-226-80418-6.
- Der Dialog Nord-Süd: Informationen zur Entwicklungspolitik. Франкфурт на Мајна: Europ. Verlagsanstalt, 1977.
- Economic policy: Principles and Design. Амстердам, 1978. ISBN 0-7204-3129-8.
- Околу Тинберген
- Акочела, Никола, Ди Бартоломео, Џовани (2006), ‘Tinbergen and Theil meet Nash: controllability in policy games’, во: ‘Economics Letters’, 90(2): 213-218.
- Акочела, Никола, Ди Бартоломео, Џовани и Хју Халет. [2010], ‘Policy games, policy neutrality and Tinbergen controllability under rational expectations’, во: ‘Journal of Macroeconomics’, 32(1): 55-67.
- Акочела, Никола, Ди Бартоломео, Џовани и Хју Халет. [2011], ‘Tinbergen controllability and n-player LQ-games’, во: ‘Economics Letters’, 113: 32-4.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Јан Тинберген (1903–1994) Архивирано на 4 февруари 2012 г. Кралска библиотека (на холандски)
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Оконор, Џон Џ. и Едмунд Ф. Робертсон. „Јан Тинберген“ - Архив „Историја на математиката“ на MacTutor (англиски)
- ↑ Биографија Архивирано на 11 мај 2013 г.. nobelprize.org
- ↑ doi:10.1016/0264-9993(89)90005-9
Овој навод ќе се дополни автоматски во текот на следните неколку минути. Можете да го прескокнете редот или да го проширите рачно - ↑ Klein, Lawrence (2004). „The Contribution of Jan Tinbergen to Economic Science“. De Economist. 152 (2): 155. doi:10.1023/B:ECOT.0000023251.14849.4f.
- ↑ Blinder, Alan (1999), Central Banking in Theory and Practice. MIT Press, ISBN 0262522608.
- ↑ „Laureaten De Gouden Ganzenveer vanaf 1955“. Stichting De Gouden Ganzenveer. 2009. Архивирано од изворникот на 2012-03-05. Посетено на 28 јули 2009.
- ↑ Leeson, R. (1998). „The Ghosts I Called I Can't Get Rid of Now: the Keynes-Tinbergen-Friedman-Phillips Critique of Keynesian Macroeconometrics“. History of Political Economy. 30 (1): 51–94. doi:10.1215/00182702-30-1-51.
- ↑ Louçã, F. (1999). „The econometric challenge to Keynes: Arguments and contradictions in the early debates about a late issue“ (PDF). The European Journal of the History of Economic Thought. 6 (3): 404. doi:10.1080/10427719900000074.[мртва врска]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Јан Тинберген на Ризницата ?
- ТИНБЕРГЕН, Јан во: Biografisch Woordenboek van het Socialisme en de Arbeidersbeweging in Nederland
- Колеџ Јан Тинберген (холандски)
- IDEAS/RePEc
- Профил на Меѓународниот институт за општествени студии Архивирано на 22 септември 2015 г. (ISS)
- Jan Tinbergen (1903–1994). The Concise Encyclopedia of Economics. Библиотека за економија и слобода (2.. изд.). Liberty Fund. 2008.
|
- Родени во 1903 година
- Луѓе од Хаг
- Починати во 1994 година
- Починати во Хаг
- Холандски економисти
- Добитници на наградата Еразмус
- Добитници на Нобеловата награда за економија
- Економетричари
- Холандски нобеловци
- Членови на Кралската холандска академија на уметностите и науките
- Членови на Унгарската академија на науките
- Членови на Американското филозофско друштво