ХИВ
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
ХИВ — кратенка од англискиот поим за вирусот причинител на имунитетски недостаток кај човекот (англиски: Human Immunodeficiency Virus). Тој е вирус кој го напаѓа имунолошкиот систем кој помага во заштитата на човекот од болести. Кога нашиот имунолошки систем е ослабнат, организмот е помалку способен да се бори со болести. Инфекцијата со ХИВ води кон СИДА (синдром на стекната имунодефициенција). Ако некое лице е ХИВ позитивно, тоа значи дека крвниот тест покажува дека вирусот е присутен во организмот. Сè додека вирусот не го нападне имунолошкиот систем (понекогаш по многу години), тоа лице нема СИДА.
Начини на пренос на вирусот
[уреди | уреди извор]ХИВ се шири преку инфицирани телесни секрети, доколку тие доспеат во крвта кај друг човек. Во следните телесни течности: крв, сперма, пред-семена течност, вагинални секрети и мајчино млеко вирусот го има во доволни концентрации за да може истиот да се пренсе. Додека во пот, солзи, плунка, урина, фецес вирусот го нема во доволна концентрација и преку овие телесни течности вирусот не може да се пренесе.
- Инфекцијата може да се пренесе преку употреба на заеднички игли бидејќи клетки кои го содржат вирусот може да се сѐ уште присутни на иглата, без да може да се видат.
- ХИВ може да се пренесе со сексуален контакт (анален, орален или вагинален) ако при тоа не се преземат мерки на заштита. Инфицирана сперма, вагинални секрети вклучувајќи ја и менструалната крв, може да навлезат преку мали гребнатинки (абразии) во организмот на партнерот.
- Жени кои се ХИВ позитивни може да го пренесат вирусот на нивните бебиња во тек на бременоста, породувањето или во тек на доењетo.
- Во минатото ХИВ можел да се пренесе и преку трансфузии. Од 1985, целокупната донирана крв и органи во нашата земја (и во други земји) се тестира на ХИВ и веќе не е можен пренос на ХИВ на тој начин. Банките на сперма исто така се тестираат на ХИВ.
Како вирусот не се пренесува
[уреди | уреди извор]- Ракување или допирање или преку обично бакнување на ХИВ позитивни лица.
- Преку убод на комарец или инсекти.
- Ако го делите домот со ХИВ позитивно лице.
- Ако работите или одите на училиште со лице кое е ХИВ позитивно.
- Ако донирате крв.
- Преку клозетски шолји, кваки на вратите или преку шолји за кафе.
- Преку говор со ХИВ позитивно лице.
ХИВ не може да живее долго надвор од организмот. Само по една минута престој надвор од организмот, ризикот за да се инфцирате со ХИВ е многу мал. Вирусот лесно се уништува со сапун и вода, обични дезинфициенси или со сушење.
Како делува ХИВ во организмот
[уреди | уреди извор]ХИВ го напаѓа имуниот систем, чија улога е борба против инфекција и спречување на растот на повеќето канцери. Кога ХИВ ќе го нападне имуниот систем, во организмот настанува битка помеѓу имуниот систем и ХИВ, која може да трае повеќе години. Во тој период, инфицираните луѓе не чувствуваат никакви симптоми. Со поминување на времето, доаѓа до оштетување на имуниот систем и тој веќе не може да работи така добро како што работел (не може ефикасно да се брани од инфекции). Инфекциите стануваат потешки (на пример наместо обична настинка, таквото лице ќе добие пневмонија). Може да се развијат ретки канцери.
Како да знаете дали имате ХИВ
[уреди | уреди извор]Тестирањето на крвта ќе покаже дали се присутни антитела на ХИВ, односно дали некое лице е ХИВ позитивно – не постојат клинички знаци кои ќе ви укажат на тоа. Ваквото тестирање кај нас може да се направи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Тестовите коишто се прават на оваа клиника се доверливи и бесплатни, односно за изведување на тестот не е потребен упат од матичен лекар. По инфекцијата со вирусот, потребни се три месеци за да се создадат антитела, кои можат да се утврдат со тестот. Можно е, лицето да е инфицирано (да го има вирусот во организмот) пред испитувањето на крвта да го покаже тоа.
Третман на ХИВ
[уреди | уреди извор]- Сè уште нема ефикасен и специфичен лек ниту вакцина за ХИВ. Во последно време, во светот и во нашата земја се применуваат антиретровирусни лекови, кои имаат одредено влијание на вирусот. Во Република Македонија антиретровирусната терапија е бесплатна за лицата коишто живеат со ХИВ/СИДА и е достапна на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
- На ова поле, во светот се работи многу и веројатно е дека во иднина ќе се создаде можност за уште поефикасно лекување. Во меѓувреме, се применува терапија која овозможува инфицираните лица да останат здрави, колку што е можно подолго. За таа намена се даваат повеќе лекови, со кои се зајакнува имуниот систем. Исхраната треба да е квалитетна а инфицираното лице треба да е физички активно.
- Некои веруваат во алтернативните терапии, како масажа, реики и акупунктура.
Како да се превенира ХИВ инфекција
[уреди | уреди извор]- При секој полов однос (орален, анален, вагинален) користете соодветен кондом кој е правилно наместен, кондомот е единственото средство кое може да превенира пренесување на вирусот за време на полов однос.
- Никогаш немојте да делите игли или прибор за инјектирање, со други.
- Треба да се внимава со различни акциденти, на пример ако некој крвари или со манипулацијата со медицинскиот отпад (игли).
- Секој новооткриен случај на ХИВ позитивно лице задолжително да се регистрира во Републичкиот завод за здравственена заштита, притоа не откривајќи го идентитетот на лицето.
Статистика за ХИВ/СИДА
[уреди | уреди извор]Во 2013 година имало 27 заразени со ХИВ во Македонија, а во првите седум месеци на 2014 биле регистрирани нови 26 случаи, од кои дури 25 биле од машки пол. Од нив, 18 лица се инфицирале со полов контакт машко со машко. Во Скопје биле забележани 16 заразени. Во однос на старосната структура, 12 заразени лица биле на возраст од 20-29 години, додека 10 лица биле на возраст од 30-39 години. Во 2014 година умреле 2 лица од СИДА. Од 1987 година, кога бил регистриран првиот случај, во Македонија биле забележани вкупно 223 случаи на ХИВ/СИДА. Од нив, најмалиот болен имал само 1 година а најстариот имал 64 години. Притоа, од вкупно 223 регистрирани лица кои биле носители на вирусот ХИВ, 154 биле болни од СИДА, 74 умреле, а другите биле само носители на вирусот.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Нови 26 заразени со ХИВ за 7 месеци, а лани 27 за цела година“, Дневник, година XVIII, број 5536, петок, 8 август 2014, стр. 5.