Џорџ Маршал
Џорџ Маршал — американски генерал и државен секретар, најмногу познат по планот за обнова на земјите од Западна Европа по Втората светска војна, наречен „Маршалов план“. Во 1953 година, тој ја добил Нобеловата награда за мир.
Животопис
[уреди | уреди извор]По дипломирањето на Армискиот институт во Вирџинија, во 1901 година, се вклучил во Армијата на САД и учествувал во американско-филипинската војна како командант на пешадиска бригада. За време на Првата светска војна, во 1917 година, Маршал бил советник на командантот на источните сили на американската армија од каде што бил префрлен во Франција за да ги надгледува операциите за мобилизација на силите на Алијансата. За време на оваа војна тој се истакнал со воведување на современи методи во војувањето поради што брзо напредувал во армиската хиерархија. Подоцна, по завршувањето на војната, тој бил задолжен за воено-тактичката реформа на американската армија. На 1 септември 1939 година бил унапреден во генерал и станал началник на генералштабот на армијата на САД.[1]
Во Втората светска војна, Маршал бил најзаслужен за брзата подготовка на американската армија за вклучување во воените дејствија и се смета за создавач на воената доктрина на САД. Според предлогот на Маршал, инвазијата на Нормандија требало да започне на 1 април 1943 година, но поради противењето на Черчил, таа операција била одложена за една година. На 16 декември 1944 година, Маршал го добил чинот кој за првпат бил воведен во американската армија - генерал со ранг од пет ѕвезди. Списанието „Тајм“ го прогласил за човек на годината (за 1943 година), а Черчил го опишал како „организатор на победата над фашизмот“. Во 1945 година ја напуштил позицијата началник на генералштабот и ја добил функцијата генерал на армијата, која била доживотна.
По завршувањето на Втората светска војна, Маршал бил испратен на специјална мисија во Кина, но неговите преговори за помирување на комунистите и силите на Чанг Кај Шек пропаднале. По враќањето од Кина, во јануари 1947 година, претседателот Хари Труман го назначил за државен секретар, а тој ги предводел преговорите со СССР за економска обнова на Германија.[2]
Маршаловиот план
[уреди | уреди извор]На 5 јуни 1947 година, Маршал одржал предавање пред дипломците на Универзитетот „Харвард“ во кое ја најавил новата американска политика кон разрушената Европа. Еден месец подоцна, неговата доктрина била прифатена како официјална политика на САД: Маршал ја заменил старата Директива брј 1067 од Планот на Моргентау со новата Директива број 1779, која станала основа на „[[Маршаловиот план“ чие официјално име било „Европска програма за обнова“. Со планот САД обезбедиле финансиска поддршка во износ од 13 милијарди долари за инфраструктурен и индустриски развој на неколку држави од Европа, надополнета со експертска и образовна помош. Во првичниот предлог, „Маршаловиот план“ предвидувал и помош за земјите од источна Европа, вклучувајќи го и СССР, кој го отфрлил планот, оценувајќи го како империјалистички заговор. Под влијание на СССР и другите комунистички земји го отфрлиле „Маршаловиот план“. Сепак, овој план се покажал како целосен успех, и тоа не само во економската обнова на Европа, туку ја поставил основата за многу идни мултилатерални форми на соработка.[3]
Маршал како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Маршаловиот план“ (The Marshall Plan) - песна на американската рок-група „Блу Ојстер Калт“ (Blue Oyster Cult) од 1980 година.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Мирослав Саздовски, „Џорџ Маршал - Човек со план“, Економија и бизнис, број 215, мај 2016, стр. 77-78.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Џорџ Маршал - Човек со план“, Економија и бизнис, број 215, мај 2016, стр. 78-79.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Џорџ Маршал - Човек со план“, Економија и бизнис, број 215, мај 2016, стр. 79-80.
- ↑ Blue Oyster Cult: The Marshall Plan - YouTube (пристапено на 24.4.2018)
- Американски генерали
- Државни секретари на САД
- Добитници на Нобеловата награда за мир
- Носители на Големиот крст на Легијата на честа
- Носители на Златниот медал на Конгресот
- Американски нобеловци
- Носители на Легијата на честа
- Членови на Американското филозофско друштво
- Родени во 1880 година
- Починати во 1959 година
- Носители на Орденот на Суворов од I степен