Прејди на содржината

Марихуана

Од Википедија — слободната енциклопедија
Растението индиски коноп (Cannabis sativa)
Растението индиски коноп (Cannabis sativa)

Марихуана (англиски: Marijuana) е име за дрога, која ги вклучува лисјата, цветните делови и семето на индискиот коноп (Cannabis sativa), кој претставува едногодишно двополно грмушесто растение. Дрогата ја содржи психоактивната хемиска материја „делта-9-тетрахидроканабинол“ (delta-9-tetrahydrocannabinol, THC).[1] Марихуаната се пуши или џвака заради причинување на халуциогени ефекти или ефекти на возбудување. Активната состојка на марихуаната, позната како тетрахидроканабинол е концентрирана на горните цветни делови на индискиот коноп.

Распространетост на марихуаната

[уреди | уреди извор]

Марихуаната била позната во Средна Азија и Кина околу 3.000 п.н.е, кога главно била користена како лек. Марихуаната почнала широко да се користи во САД во 60-тите и 70-те години и била поврзана со „хипи“ движењето. Потоа се проширила во Европа, а во Македонија, нејзината зголемена употреба потекнува од почетокот на 1990-тите. Во поново време, во повеќе земји се забележува тренд на легализација на употребата на марихуаната, особено за медицински цели. Такви законски прописи се донесени во некои сојузни држави во САД, како и во некои држави во Европа.[2] За марихуаната има многу жаргонски имиња, како на пример: „трева“, „џоинт“, „хаге“, „зелено“, „вутра“, „ганџа“, „грање“, „жонга", „гонга", „фиш", „гане", „фиљан" итн.

Ефекти од марихуаната

[уреди | уреди извор]
Марихуана

Ефектите предизвикани од марихуаната се манифестираат веднаш по вдишувањето на чадот од цигарата, најголемиот интензитет го добиваат по 15-30 минути, а траат до два до шест часа. Сепак, ефектите се поединечни и зависат од телесната градба на корисникот, должината на времето на користење, квалитетот на марихуаната итн.[3]

Постојат две фази во дејството на марихуаната: почетна возбуда – која го вклучува замајувањето и еуфоријата – проследена со спокојство и пријатно чувство, а подоцна проследена со поспаност. Процесот на мислење е често нарушен од неполни идеи и сеќавања. Кај некои од корисниците се јавува зголемен апетит, потреба за благо, засилување на сетилното чувство и чувство на задоволство. Сетилата за вид и слух се менуваат, чувството за време и простор е искривено, се појавува општа моторна забавеност, опаѓа вниманието итн.

Негативните ефекти на марихуаната можат да вклучат збрканост, акутни реакции, напади на беспокојство, страв, чувство на беспомошност и губење на самоконтрола. Хроничните корисници на марихуаната можат да развијат т.н. „амотивационен синдром“, кој се одликува со пасивност, намалена мотивација и преокупација кон земање на дроги. Како што е случај со дејствието на алкохолот, дејствието на марихуаната може да го растрои размислувањето, разбирањето, меморијата, говорот, способноста за решавање на проблеми и времето на реакција. Последиците од долго користење на марихуаната сè уште не се одредени, а не постојат докази дека марихуаната може да ги уништи мозочните клетки.

Марихуаната создава умерена психичка зависност, не предизвикува физичка зависност, а многу ретко создава остри, но минливи, психички пореметувања, слични на шизофренијата. Посериозни последици се јавуваат при долготрајна употреба на марихуаната, особено во големи количества и во комбинација со други дроги.[2]

Покрај дејството врз централниот нервен систем, марихуаната делува и врз белите дробови, бидејќи нејзиниот чад содржи штетни материи, како: етерични масла, катран, јаглен моноксид итн. Притоа, забележано е дека кај младите корисници на марихуана, кои ја комбинираат со тутун, почесто се развива рак на белите дробови во споредба со пушачите на тутун. Понатаму, марихуаната го забрзува ритамот на срцето за 50%, а има и штетни ефекти врз репродуктивниот систем. Така, таа предизвикува намалување на нивото на тестостеронот кај мажите, како и на бројот на подвижните сперматозоиди, со што се зголемува ризикот од импотенција и стерилитет. Според некои анализи, 20% од мажите кои употребувале марихуана подолго до пет години се жалеле на импотенција, а се покажало дека, во тој поглед, нејзините ефекти се посебно опасни на возраст од 12 до 17 години. Кај жените, таа го зголемува нивото на тестостерон, а може да биде штетна за време на бременоста, бидејќи ја поминува обвивката на плацентата.[4]

Од друга страна, марихуаната може да биде корисна во борбата против непријатните и болни симптоми кај некои медицински состојби. Марихуаната може да го подобри апетитот и да го спречи намалувањето на телесната тежина кај луѓето болни од СИДА, го намалува очниот притисок кај луѓето со глауком. Исто така, маслото од канабис може да ги намали недостигот од апетит, гадењето и повраќањето, причинети од третманите со хемотерапија и зрачење. Луѓето кои страдаат од овие и од други хронични заболувања тврдат дека марихуаната ги намалува болките и ја подобрува психичката состојба. Најпосле, маслото од канабис има позитивно влијание во состојбите на стрес, нервоза, анксиозност, депресија и мускулни спазми, бидејќи тоа делува невропротективно. Исто така, тоа ја ублажува болката од различно потекло, зашто делува противвоспалително и аналгезично, а може да се користи и за превенција на кардио-васкуларни болести бидејќи делува вазорелаксантно, помага при регулацијата на крвниот притисок, на холестеролот и на гликозата во крвта, и делува анти-исхемично.[5]

Марихуаната како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • „ Чадот на марихуаната “ - песна од збирката „Столбот на чумата“ од чешкиот поет Јарослав Сајферт, објавена во 1977 година.[6]
  • „Мало семе“ (англиски: Li'l Seed) — песна на американската рок-група Лемонхедс (Lemonheads) од 1990 година.[7]
  • „Скини го џоинтов“ (англиски: Rip This Joint) - песна на британската рок-група Ролинг Стоунс од 1972 година.[8]
  • „Сакам да се кренам високо“ (англиски: I Wanna Get High) - песна на американската хип-хоп група Сајпрес Хил (Cypress Hill) од 1993 година.[9]
  • „Легализирајте ја“ (англиски: Legalize It) - песна на американската хип-хоп група Сајпрес Хил од 1993 година.[9]
  • „Те сакам Мери Џејн“ (англиски: I Love You Mary Jane) - рап-песна на американските групи Сајпрес хил и Соник јут (Sonic Youth) од 1993 година.[10]
  • „Мери Џејн“ (англиски: Mary Jane) - песна на американскиот пејач Рик Џејмс од 1978 година.[11]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. National Institute on Drug Abuse, DrugFacts: Marijuana (пристапено на 28.11.2014)
  2. 2,0 2,1 Ставре Грамов, „Не за легализација на марихуаната“, Општина Аеродром, број 61, година IX, ноември-декември 2014, стр. 24-25.
  3. Ставре Грамов, „Не за легализација на марихуаната“, Општина Аеродром, број 61, година IX, ноември-декември 2014, стр. 24.
  4. Ставре Грамов, „Не за легализација на марихуаната“, Општина Аеродром, број 61, година IX, ноември-декември 2014, стр. 25.
  5. „Масло од канабис: како дејствува и што може да излечи?“, Фокус, број 1081, 24 јуни 2016, стр. 52.
  6. Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014.
  7. Lemonheads* – Lovey (пристапено на 21.3.2023)
  8. Discogs, Rolling Stones* ‎– Exile On Main St. (пристапено на 9.3.2021)
  9. 9,0 9,1 DISCOGS, Cypress Hill ‎– Black Sunday (пристапено на 9.7.2020)
  10. Cypress Hill - I Love You Mary Jane - YouTube (пристапено на 31.1.2016)
  11. azlyrics.com, Mary Jane (пристапено на 31.1.2016)